Почитувани Колеги,
Судиската комисија на град Скопје со доаѓањето на 2008 година ги сумираше резултатите од работата во изминатата 2007-та година.
Судиската комисија на кошаркарските судии на град Скопје (во продолжеток СККСГС) во изминатата 2007 година, со континуирана и напорна работа ги исполни повеќето од целите кои ги постави пред себе.
Анализата која СККСГС ја изврши за кошаркарското судење во 2007 година на ниво на град Скопје говори дека нејзиното членство во целост ги задоволи барањата и потребите за квалитетно судење и регуларност на сите нивоа на натпреварувања.
Само со ентузијазам и во скромни услови, без никаква финансиска помош, СККСГС покажа дека може да им одолее на потешкотиите со кои се сретнуваше и сеуште се сретнува во својата работа.
СККСГС успеа да ги подигне квалитетот и квантитетот на работата на самата комисија, како и квалитетот на кошаркарското судење дури и пошироко од територијата на град Скопје (да не го заборавиме фактот дека преку 70% од кошаркарските судии и делегати се од град Скопје). Подигнувањето на квалитетот на кошаркарското судење беше и ќе биде мотото на оваа СККСГС.
СККСГС признава дека имаше организациски и технички пропусти во работата и е свесна за тоа. Исто така пред Комисијата е присутен и фактот дека некои нејзини членови се незадоволни од работата на истата. Нивните очекувања дека оваа СККСГС ќе се постави над состојбите во кошаркарското судење и дека ќе ги елиминира наталожените проблеми кои со години егзистираат, за жал не се реални. Сите знаат дека оваа Судиска комисија на град Скопје беше формирана пред речиси четиринаесет месеци и дека е невозможно во толкав период да се средат работи кои со години не функционираат. Оваа СККСГС пак, ги прифаќа добронамерните критики од колегите за подобра работа на истата и во иднина ги поканува сите кои сакаат да помогнат за подобро работење на комисијата активно да земат учество.
СККСГС пак, остро ги осудува сите „колеги“ од Скопје па и од другите градови кои во 2007 година гледајќи го својот личен интерес (делегирање, листи и др) работите ги решавале надвор од институцијата која се вика Судиска комисија, независно дали е таа градска или на ниво на државата. На тој начин истите тие „колеги“, задоволувајќи го својот егоизам, игнорирајќи ги последиците и направиле штета на нашата фела и на она за што посебно оваа Комисија се залага, а тоа се транспарентноста и реномето кое кошаркарските судии и делегати треба да ги имаат во целина.
СККСГС ги издвојува следниве неколку активности што по нејзино мислење ја одбележаа нејзината работа во 2007 година (види на www.sudijask.blogspot.com):
1. Одржани 34 состаноци со членството.
2. Одржани 10-тина состаноци на раководството на СККСГС.
3. Стручната комисија на СККСГС речиси секој понеделник, преку најмодерни техники за учење, гледање DVD материјали, разни презентации (и преку BLOG-от) и вербални предавања, одигра голема улога во запознавањето и подучувањето на кошаркарските судии и делегати со официјалните кошаркарски правила (и нивните интерпретации), со механика и техника на кошаркарското судење, со најновите трендови и критериуми на судењето во европската кошарка и др.
Свои предавања на овии состаноци имаа и:
Кошаркарски судии и делегати:
Г-дин Ѓорѓи Пиперков, ФИБА национален инструктор,
Г-дин Владимир Макревски, ФИБА делегат,
Г-дин Зоран Златевски, ФИБА судија,
Г-дин Петар Денковски, ФИБА судија,
Г-дин Александар Милојевиќ, ФИБА судија,
Г-дин Игор Митровски, ФИБА судија,
Г-дин Сашо Терзиевски, Државен судија,
Г-дин Влатко Цветаноски, Државен судија
Кошаркарски тренери:
Г-дин Драган Василов - Цефка, кошаркарски тренер
Г-дин Горан Крстевски - Кичо, кошаркарски тренер
Претставници од федерацијата:
Г-дин Дејан Лекиќ, Генерален секретар на КФМ,
Г-дин Томче Димишковски, Комесар за натпреварување при КФМ,
Г-дин Илија Мерџановски, Директор на кошаркарските репрезентации,
Разни стручни соработници:
Г-дин Зоран Шишковски, советник за спорт на град Скопје, како и претставник од Ракометната федерација.
4. Тргнувајќи од факот дека секој натпревар зависи од правилното делегирање, посебно внимание во минатата година беше посветено на истото од Комисијата за делегирање при СККСГС и комесарот за млади Г-динот Зоран Крстевски, кои одлично си ја завршија својата работа, за што говори фактот дека Дисциплинската комисија при СККСГС, немаше многу работа поради коректниот и професионален однос на кошаркарските судии и делегати.
Делегирањето (ФИБА модел) по електронски пат ги даде и своите конкретни резултати – Намалени телефонски сметки во канцеларијата на Комесарот за натпреварување во младите категории.
5. Кошаркарското судење во младинските лиги на ниво на град Скопје на барање на СККСГС го покриваа и кошаркарски судии и делегати кои судат, односно ја вршат должноста на делегат во најквалитетните лиги на ниво на Р. Македонија: Прва лига мажи, Втора лига мажи и Прва лига жени.
6. За квалитетот на судењето во младинските лиги СККСГС соработуваше со одреден број делегати, делегат - контролори и FIBA делегати. Истите, со своите искрени контроли дадоа допринос за подигнувањето на квалитетот, односно нивото на кошаркарското судење.
7. Во 2007 година на полусезоната, од страна на СККСГС беше организиран семинар за кошаркарски судии и делегати на град Скопје, кој беше од стручен карактер и на кој свои предавања имаа наши истакнати ФИБА судии и делегати. И за оваа 2008 година на полусезоната СККСГС беше планирала да организира семинар за кошаркарските судии и делегати на град Скопје кој би прераснал во традиционален, но, поради најавите на Судиската комисија на Македонија дека ќе одржи семинар во истиот период, СККСГС го одложи организирањето на истиот за во иднина.
8. СККСГС преку свои претставници (Милојевиќ, Митровски и Цветановски) присуствуваше на две Здруженија на кошаркарските клубови во младинските лиги, каде се дискутираше за квалитетот на кошаркарското судење и судиските такси во младинските лиги. Судиската комисија на град Скопје на овие здруженија ги бранеше (и во иднина ќе ги брани) интересите на кошаркарските судии и делегати на град Скопје и пошироко (доколку за тоа има потреба). Токму на овие здруженија СККСГС успеа да ги зголеми судиските и делегатските такси во младинските категории на ниво на Република Македонија (а не само на ниво на град Скопје) кои со години наназад беа на понижувачко ниско ниво.
9. СККСГС со свој претставник (Милојевиќ) присуствуваше и на едно здружение на клубови од прва лига мажи на кое по иницијатива на СККСГС (изготви предлог ценовник за судиски и делегатски такси за пријателски натпревари за сите нивоа на натпреварување) се донесе одлука да се регулира начинот на делегирањето и исплатата на судиските такси при одигрувањето на пријателските натпревари. На истото здружение беа донесени и следните одлуки:
- за пријателските натпревари делегирањето да го вршат градските одбори, односно комисии,
- да важат постоечките пропозициите за натпреварување на КФМ,
- клубовите од првата лига мажи за пријателските натпревари да исплаќаат судиски и делегатски такси според договореното на истото здружание (500,00 денари за домашни пријателски натпревари и 1500,00 денари за меѓународни пријателски натпревари по кошаркарски судија).
И тука се покажа конструктивноста и солидарноста на СККСГС, одлуките кои беа донесени не важат само на ниво на град Скопје, туку на територијата на целата држава.
10. Во 2007 година СККСГС во соработка со КФМ, односно со Организациониот одбор на Европското првенство под 16 години Б - дивизија мажи кое се одржа во Скопје во месец јули 2007 година, им овозможи на дел од нашите колеги од град Скопје да земат активно учество како помошни судии, а за својата работа дури и пред почетокот на Европското првенство соодветно да бидат наградени (по 100 евра и по две маички со логото на FIBA). Веруваме дека одличната соработката со КФМ ќе продолжи и во 2008 година, знаејќи го фактот дека во месец август не очекува уште едно Европско првенство под 18 години Б – дивизија во Скопје во женска конкуренција.
11. СККСГС се залага ЗДРУЖЕНИЕТО НА КОШАРКАРСКИТЕ СУДИИ И ДЕЛЕГАТИ НА МАКЕДОНИЈА да ги надмине слабостите и да ја продолжи својата работа со поголем елан и според Статутот како на самото здружението на кошаркарските судии и делегати на Македонија, така и според Статутот на КФМ. За таа цел Судиската комисија на град Скопје во 2007 година направи низа конструктивни состаноци со релевантни субјекти кои објективно помогнаа и помагаат оваа наша статутарна обврска конечно да заживее (профункционира). За таа цел СККСГС направи контакти и со другите спортски федерации, Агенцијата за спорт и Советникот за спорт на градоначалникот на град Скопје. Одржа состаноци и низа разговори со претставници од нашата матична федерација - КФМ, со претставници од веќе формираното Здружение на кошаркарски судии и делегати на Македонија. Благодарение на ваквиот пристап СККСГС цени дека здружението ќе може да функционира според одредбите наведени во Статутот.
12. СККСГС уште далеку пред почетокот на оваа натпреварувачка 2007/2008 сезона ја понуди својата помош во обезбедување на квалитетни понуди по пат на тендери (обезбеди неколку понуди) за:
- дресови и
- ДВД материјали за сите кошаркарски судии и делегати и друго, но од неразбирливи причини за нас резултатите од нашето залагање за дел од нив се уште ги нема дури и денес.
13. СККСГС во 2007 година кон крајот на месецот октомври организира коктел по повод една година постоење на оваа Судиска комисија. Коктелот финансиски комплетно беше покриен од СККСГС. На овој коктел беа повикани покрај нашите колеги кошаркарски судии и делегати од град Скопје и претставници од кошаркарската федерацијата, кошаркарски тренери и играчи како и кошаркарски и спортски работници и сето тоа со единствена цел - ДРУЖЕЊЕ. СККСГС е на мислење дека дружењето ни недостасува вон кошаркарските терени. Бевме и сеуште сме на мислење дека поединци и поединечни групи на кошаркарски судии и делегати се дистанцираат од мнозинството членови на судиската организација. Во иднина ќе се обидеме тоа да се промени.
14. СККСГС на 26.12.2007 година ја организира традиционалната „Судиска вечер“. На истата беа доделени и награди кои повторно ги обезбеди СККСГС.
И за крај ќе заклучиме со зборовите од нашите двајца колеги што ги изрекоа по добивањето на плакетите за најдобар и најперспективен кошаркарски судија во 2007 година на град Скопје, дека се задоволни од она што го прикажале во минатата година и дека овие признанија доделени од членовите на СККСГС, ќе им бидат поттик за понатамошно нивно ангажирање со што и ние останатите членови – кошаркарски судии и делегати од град Скопје се придружуваме.
Со почит,
Судиска комисија кошаркарски судии и делегати на град Скопје
2 comments:
Почитувани,
најпрвин да Ви се заблагодарам за извештајот кој по електронски пат го добив од СККСГС.Во однос на него можам да извлечам два заклучоци.
1.Како пишувачи на мотивирачко писмо и делот кој во 21 век се вика маркетинг стратегија имате оцена три плус(3+).
2.Во делот каде членството освен убаво напишани текстови треба да добие и конкретни податоци, бројки, аргументи и други информации кои МОРА да ги содржи секој па и Вашиот годишен извештај имате оцена нула(0).Можеби јас сум кусоглед и неуспеав да го видам она што можеби Вие го гледате надалеку.
Бидејќи во составот на СККСГС имате член кој по вокација е економист би требало доколку некој од Вас нема познавања од таа област тој да знае како се поднесува годишен извештај на организација која меѓу другото располага и со пари од членството. Ја користам оваа можност, да го повикам да Ви помогне, но зошто да не и тој лично да го направи за да може извештајот да биде вистинит. Вака се останува на убави зборови.
Во однос на скандалите (случајот на ТЕПАЧ Бр.1 и ТЕПАЧ Бр.2)кој се единствени по тој чин во светски рамки сеуште не го слушнав официјалниот став на СККСГС ?!?.
Или можеби сум го пропуштил?
Марјан Мицевски,ФИБА Судија
Првпат откако сум член на Судиска организација на Скопје, имам прилика да погледнам (или да слушнам) годишен извештај, нешто што во старт ја прави оваа раководна гарнитура поинаква од останатите...
Голем дел од точките кои се во извештајот се за поздравување и се голем чекор напред, а најбитни се активната работа со младите судии, сериозниот пристап и работа со нив, вклучување на делегати кои на време ќе обрнат внимание на младите судии, како и чекорите за зголемување на нивните судиски такси...
Сепак, мислам дека во однос на некои забелешки, коментари, предлози, иницијативи и сл., постоеја субјективни квалификации од страна на некои членови на раковосдството на СККСГС, што сметам дека не е во ред...
Техничка забелешка: Во извештајот се спомнати само позитивните чекори и активности, многу малку зборови се одвоени за слабостите и предизвиците со кои се соочува организацијата...
Имам некои добронамерни забелешки кои ќе ги изнесам на некој од наредните состаноци на СККСГС.
Во целина, сепак, Годишниот извештај го доживувам како позитивен...
А. Феревски
Post a Comment