Saturday, February 28, 2009

КОДЕКС НА ОДНЕСУВАЊЕ

Почитувани Колеги,

Користејќи го меѓународното искуство, правилата и стандардите за однесувањето на актерите во кошаркарската игра, Судиската Комисија на кошаркарски судии и делегати на град Скопје (СККСГС) ви го доставува на увид предлог КОДЕКСОТ НА ОДНЕСУВАЊЕ на кошаркарските судии и делегати.
Сите колеги се должни да го разгледаат и да се произнесат по одредбите на истиот, по што КОДЕКСОТ ќе биде предаден на разгледување, прифаќање и одобрување од страна на Судиската Комисија на Кошаркарската Федерација на Македонија, со цел истиот да може да се применува и на територијата на Р. Македонија.

Врз основа на член 14 и точка 1 од ПРАВИЛНИКОТ за работа на Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на град Скопје, Судиската Комисија на истоименета Асоцијација го денесе следниов:

КОДЕКС НА ОДНЕСУВАЊЕ НА КОШАРКАРСКИТЕ СУДИИ И ДЕЛЕГАТИ НА ГРАД СКОПЈЕ

Кодексот на однесување се воспоставува со цел да овозможи и регулира насоки за сите оние кои настапуваат во име или под закрила на Асоцијацијата на кошаркарски судии и делегати на град Скопје (во понатамошен текст АКСДГС). Сепак треба да се сфати дека упатствата или советите нема (и не би смееле) да бидат замена за здравиот разум и пристојното однесување.
Сите членови на АКСДГС (членови на работните тела на АКСДГС и останатите членови на АСКДСГ) се задолжени во согласност со своите должности и обврски да постапуваат фер и коректно. Ова ја вклучува и обврската да се покаже интегритет, коректност, објективност и прецизност во секоја акција или ситуација врзана со кошарката.
Секоја официјална задача мора да се исполнува професионално. Високото ниво на авторитетот и автономноста доделени на службените лица (судии и делегати) во согласност со нивните должности повлекува со себе подеднакво високо ниво на посветеност и стручност. Високото ниво на одговорноста кое ги карактеризира официјалните задачи бара исто така висок етички стандард на службените лица кои се вклучени во задачата. Се надеваме дека почитувањето на ваквите високи стандарди ќе се рефлектира низ благодарност и позитивен став кон АКСДГС од страна на останатите актери во кошаркарскиот спорт. Овој висок професионален стандард константно ќе биде следен од страна на сите оние кои се на каков било начин поврзани со кошаркарскиот спорт и КФМ и наша обврска е да го применуваме во секој момент.
АКСДГС го усвојува овој кодекс на однесување и очекува од сите службени лица – членови на АКСДГС да ги почитуваат неговите принципи. Во досегашната работа АКСДГС смета дека е значајно да се подигне на повисок степен довербата во професионалната работа на своите службени лица. Оваа доверба мора да се шири како меѓу АКСДГС така и на глобално ниво на кошаркарскиот спорт во Р. Македонија.
АКСДГС верува дека квалитетот и интегритетот на која било официјална задача се заснова на интегритетот и високиот личен морал на своите членови. Овој интегритет и етичко однесување претставуваат столб на идниот развиток на АКСДГС и кошарката воопшто. Низ едукативните програми и други соодветни начини АКСДГС ќе ги охрабрува разбирањето, прифаќањето и применувањето на следниве правила:

Член 1.

Членовите на АКСДГС мораат да бидат ослободени од каква и да е друга обврска освен фер и коректно да донесат суд за спортските збиднувања при кошаркарската игра (на теренот). Одлуките донесени по своето лично наоѓање или исполнување на обврски кои што не се поврзани со кошаркарската игра и важечките акти на КФМ ќе бидат неприфатливи.
Членовите на АКСДГС мораат:
• Лојалноста спрема кошаркарската игра, АКСДГС и КФМ ќе ја стават над лојалноста кон личностите или личниот интерес;
• Да се придржуваат кон правилникот и нормативните акти на АКСДГС и КФМ и никогаш да не бидат учесници во нивното непочитување и избегнување;
• Да ги подржуваат своите колеги и севкупното раководство на АКСДГС и раководство и персоналот на КФМ;
• Да не даваат лични ветувања од каков било вид кои би можеле да влијаат на нормалната и стручната работа на АКСДГС и КФМ;
• Да избегнуваат работење со трета страна директно или индерктно, на начин кој не е во соогласност со обврските и принципите во КФМ;
• Задолжително да пријават корупција штом ја откријат.

Член 2.

Членовите на АКСДГС не смееат да спроведуваат дискриминација на кој било начин правејќи специјални услуги и привилегии спрема кој било поради примања на подароци, против услуги, специјален третман или каков било сличен мотив.
Членови на АКСДГС не смееат да прифатат било за себе или своето семејство, услуги или бенефиции под околности кои би можеле да бидат сфатени како влијание врз обавувањето на нивните должности.
Членови на АКСДГС би требало да избегнуваат лични врски со личности или организации кои можат или се претпоставува дека би можеле да го загрозат фер или објективното извршување на нивните должности.

Член 3.

Членовите на АКСДГС се обврзуваат на дискреција во рамките на интерните нешта и работите на АКСДГС.
Членовите и АКСДГС мораат да настапуваат на начин кој е во согласност со кредибилитетот на АКСДГС. Ова посебно се однесува на членовите на комисиите или телата на АКСДГС.
Земајќи го ова предвид, членовите на АКСДГС нема:
• Да даваат изјави кои можат да ја расипат сликата и имиџот на кошарката и/или АКСДГС;
• Да работат на начин кој би ги загрозил сликата и имиџот на кошарката и/или АКСДГС.

Правилата на убавото однесување мора да се почитуваат при секоја лична комуникација со официјални претставници на АКСДГС и КФМ во текот на официјалните акции на КФМ или АКСДГС или надвор од нив.
Личната комуникација во никој случај не смее да биде користена:
• Да се шират гласини во однос на кои било субјекти или личности;
• За вклучување во акции на други кои очигледно се насочени против видливите интереси на АКСДГС и КФМ;
• За присобирање на информации со намера за комуницирање со медиумите или нивно користење на каков било начин што штети на АКСДГС и КФМ, на нивните членки и партнери.

Член 4.

Членовите на АКСДГС не смееат да конзумираат алкохол, цигари или слични супстанци на непримерен начин. Ова подразбира:
• Конзумирање на алкохол, цигари или слични супстанци во енормни количини;
• Конзумирање на алкохол, цигари или слични супстанци на јавни места во спортскиот објект;
• Конзумирање на алкохол, цигари или слични супстанци пред, за време или по официјални акции или задачи.

Член 5.

Верабално злоставување, физичко насилство, расизам, сексуално вознемирување итн:
• Ваков вид на однесување нема да биде толериран од страна на кој било, кој што е поврзан со АКСДГС. Толеранција како и фер и подеднаков третман на сите вклучени страни ќе биде основа за секого кој настапува во име на АКСДГС.

Член 6.

Обврска на членовите на АКСДГС е да ги заштити играчите, претставниците на екипите, останати официјални службени лица на КФМ, администраторите, телевизиските и медиумските представници, претставниците на партнерите и партнерските компании, навивачите итн., од несоодветно однесување. Мораат да се трудат да го промовираат коректното однесување и ставовите меѓу сите оние кои се вклучени во кошаркарските збиднувања.

Член 7.

Членовите на АКСДГС мора константно да се стремат кон самоусовршување низ проучување на играта, правилата, тактичкиот и техничкиот развој на кошарката.
Сите членови кои се наоѓаат на листите за кандидати за ФИБА судии или делегати мораат да имаат добро ниво на познавање на англискиот јазик.
Членовите на АКСДГС мораат да бидат свесни за своите можности при пријавувањето или прифаќањето на службени задачи или одговорности.

Член 8.

Членовите на АКСДГС имаат должност да се однесуваат кон останатите учесници / службените лица со професионално достоинство и љубезност и да избегнуваат јавно критикување на други службени лица.
Членови на АКСДГС не смеат да се обложуваат или да прифаќаат какви било обложувања врзани за нивните активности, односно задачи или да вклучуваат други тоа да го работат во нивно име.

Член 9.

Членови на АКСДГС не смеат да бидат учесници во какви било акции кои се насочени со цел неправедно да го ограничат или блокираат пристапот кон службените обврски / задачи или кон членството на АКСДГС. Под ова се подразбира и протежирање на поединци за поедини позиции во АКСДГС засновано врз економски фактори, расна, верска, боја на кожа, возраст, пол, сексуална ориентација, хендикепираност или национална припадност.

ПОСЕБНИ ТОЧКИ:

1.Секој член на АКСДГС должен е да се придржува во однесувањето според следново:

• Член на АКСДГС на официјални натпревари за кој е делегиран должен е да дојде пристојно облечен (костум и вратоврска за сите натпревари од сениорските лиги и панталони, кошула, џемпер и сл. за сите пријателски натпревари и натпревари од младинските лиги) и пристоен изглед (кратко потшишан, избричен, без накит на рацете, околу вратот и ушите);
• Член на АКСДГС задолжително мора да ја носи официјалната добиена судиска облека (вклучувајќи ги и рекламите);
• Член на АКСДГС е должен да не конзумира какви било супстанци кои би можеле да ја загрозазат неговата (или нејзината) ментална и/или физичка состојба;
• Однесувањето на членовите на АКСДГС, говор и настап во текот на натпреварот, на патот кон местото натпреварот, на натпреварот и по натпреварот, мора да е во склад со претходно наведеното, со акцент на спортско однесување, љубезност и самоконтрола;
• Член на АКСДГС мора на нтпреварот да дојде доволно рано (според Пропозиициите за натпреварување на КФМ) за да има време да ги провери објектите и опремата, за разговор со колегите и учесниците на натпреварот, давање инструкции околу подобра организација и размена на корисни информации кои ќе помогнат во нормално одржување на натпреварот;
• Ниту еден член на АКСДГС не смее јавно да ја критикува АКСДГС и КФМ и нивните официјални претставници;
• Членовите на АКСДГС се должни да ги заштитат и осигурат видео снимките и извештаите од надворешни влијанија и да посветат најголемо можно внимание за спречување на можност од фалсификување на истите.

2. Секој член на АКСДГС е должен да избегнува секакво дејствие кое е или не е посебно забрането со овие правила, а кое би можело да резултира или да придонесе за подолу наведениве појави, па според тоа тој или таа нема:
• Да ја користи АКСДГС за лични цели;
• Да дава предност на кој било;
• Делумно да изгуби независност, чесност и објективност;
• Да говори и изнесува доверливи внатрешни иформации;
• Да ги открива предвреме одлуките на АКСДГС;
• Да донесува одлуки во името на АКСДГС;
• Негативно да влијае врз довербата на јавноста во интегритетот на АКСДГС;
• Да прифати несоодветни или непотребни подароци или услуги од кого било кој што сака да работи со АКСДГС или од неговите партнери или соработници;
• Недолично да се однесува дури и вон неговата или нејзината задача

3. Сите лица кои се наоѓаат на официјалните позиции во АКСДГС мораат да внимаваат да обезбедат да не дојде до никакви забуни кои се однесуваат на нивниот статус. Во таа смисла особено е препорачливо за членовите на комисиите или телата при АКСДГС на сите официјални настани да ги бранат званичните ставови. Според тоа, сите покани кои се однесуваат на членовите на АКСДГС како службени лица мора да бидат адресирани на канцеларијата на КФМ која ќе ги проследи до АКСДГС. Ниту една покана која е зснована на лична комуникација не смее да биде директно прифатена од страна на кој било член на АКСДГС.

Овој Кодекс на однесување на АКСДГС е усвоен на седница на Судиската комисија на кошаркарски судии и делегати на град Скопје.

Поздрав,
СККСГС

No comments: