Saturday, January 13, 2007

ПРАВИЛНИК за работа на Асоцијацијата на кошаркарски судии и делегати на град Скопје

Врз основа на членовите 21, 28, 29 и 30 од Статутот на Кошаркарската федерација на Македонија, Судиската Комисија на кошаркарски судии на град Скопје го изготви следниов:

ПРАВИЛНИК
за работа на Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на град Скопје

I ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1.

Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на град Скопје (во понатамошниот текст АКСДГС) е организирана на доброволна и стручна основа, со цел, задоволување на заедничките интереси и потреби, претставувана од Судиската Комисија од составот на членството на АКСДГС.

Член 2.

Основната дејност која ја остваруваат нејзините членови во рамките на АКСДГС е од областа на кошарката и тоа во делот кој се однесува на:
• Подигнување на квалитетот на кошаркарското судење и работата на делегатите;
• Подигнување на стручноста на судискиот и делегатскиот кадар;
• Подобрување на условите за работа на кошаркарските судии и делегати;
• Почитување на прописите и
• Заштита на интересите на кошаркарските судии и делегати на град Скопје.

Член 3.

АКСДГС е стручен облик на организирање и е политички неопределена во својата работа.
Таа (АКСДГС) е независна во својата работа, а заедничките цели ги остварува со другите органи, асоцијации, здруженија и облици на стручно организирање со цел за унапредување на квалитетот на кошаркарскиот спорт.

Член 4.

АКСДГС, освен основната дејност, може да извршува и дополнителни дејности кои се во согласност со статутот на КФМ и законотите на Р. Македонија а тоа се: маркетинг, угостителство, посредување и др.

Член 5.

АКСДГС е конститутивен дел на асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на Р. Македонија. АКСДГС соработува со истата во оставарување на својата основна дејност.
ПРАВИЛНИКОТ е во согласност со правилникот на Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на Македонија, како и со статутот на КФМ.

Член 6.

Во остварување на своите цели АКСДГС соработува и со други (доколку постојат) асоцијации, стручни тела на организирање, клубови и здруженија во рамките на град Скопје но и пошироко на и од територијата на Р. Македонија од областа на кошарката.

Член 7.

Соработката со меѓународната судиска организација и асоцијација, АКСДГС може да ја врши сама, преку Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на Македонија и преку КФМ, согласно статутот на КФМ.

Член 8.

АКСДГС има својство на правно лице.
Седиштето на АКСДГС се наоѓа во просториите на КФМ во Скопје.

Член 9.

АКСДГС има и свој печат кој е со округла форма на кој пишува: „Асоцијација на кошаркарски судии и делегати на град Скопје - Судиска Комисија”.

Член 10.

АКСДГС има и свој симбол чиј изглед и содржина е определен во согласност со кошаркарските судии и делегати на град Скопје и претставува:
- Грб на градот Скопје, во чие подножје се наоѓа кошаркарска топка, а во чии рамки се наоѓа судиска свирка.

Член 11.

АКСДГС е претставувана и застапувана од Судиската Комисијата на Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на град Скопје во својство управен и извршен орган.
СК на АКСДГС пак ја преставуваат:
- Претседател, потпретседатели и членови.
Со пишана одлука со која се согласува АКСДГС, Судиската Комисија може да назначи и други лица кои ќе ја претставуваат АКСДГС.

II ПРАВА, ДОЛЖНОСТИ, ОБВРСКИ И ЦЕЛИ

Член 12.

Членството на АКСДГС има право на:
• Изнесување на сопствени мислења при донесување на одлуки, ставови, предлози, иницијатива и заклучоци од значење за работата на АКСДГС;
• Предлагање и избирање на членови во органите - комисиите на АКСДГС;
• Правна заштита;
• Користење на стручни и други податоци;
• Контрола на работата на комисиите и
• Покренување иницијатива за утврдување на колективна или поединечна одговорност на органите - комисиите на АКСДГС или носителите на функции во органите - комисиите на АКСДГС;

Член 13.

Членството на АКСДГС има должност да:
1. Утврдува систем за подигнување на квалитетот на кошаркарското судење и судискиот и делегатскиот кадар;
2. Уредува начин на едукација за усовршување на судиското и делегатското знаење, како и стекнување и губење на право на членовите од областа на кошаркарското судење и делегатската функција;
3. Уредува начин за стекнување на судиското и делегатското звање;
4. Доделува судиско и делегатско звање од своја надлежност во граници на правото кое го има;
5. Предлага норми за стекнување на судиско и делегатско звање или ранг за кое нема надлежност во одлучувањето;
6. Утврдува содржини на договори кои во име и за сметка на АКСДГС ги заклучува Судиската Комисијата;
7. Утврдува кодекс на однесување на членовите на АКСДГС и го следи почитувањето на кодексот од страна на секој свој член;
8. Подготвува и организира семинари, советувања, кампови и други методи и облици со кои се стекнуваат и проверуваат стручните знаења на членовите на АКСДГС;
9. Обезбедува заштита на членовите на АКСДГС на начин утврден со сопствени акти, како и важечките правила на кошаркарската федерација (КФМ);
10. Планира и ја програмира работата на АКСДГС, утврдува методи на својата работа, избира и именува членови, како и други работи кои се од интерес за остварување на сопствените цели.

Член 14.

Членството на АКСДГС има обврска:
• Да се придржува кон кодексот на однесување на АКСДГС;
• Во согласност со одлуките на надлежните органи - комисии на АКСДГС активно да се вклучи во изготвување на ставови и мислења по прашања кои се од интерес за работата на АКСДГС;
• Членот на АКСДГС е обврзан да плаќа членарина по основ на членот 29 од овој ПРАВИЛНИК.

Член 15.

Во својата работа членството на АКСДГС поаѓа од целите за развој на кошаркарскиот спорт кој е дефиниран во основните акти на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) и Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА).

Член 16.

За остварување на своите цели членството на АКСДГС може да ги користи сите легални облици и методи утврдени со законските прописи на Р. Македонија, како и оние кои се утврдени и со општите акти на кошаркарската федерација (КФМ).

Член 17.

Во остварувањето на своите цели и задачи АКСДГС самостојно ја утрдува својата внатрешна организираност и работа во согласност со овој ПРАВИЛНИК.
АКСДГС во вршење на својата основна дејност поаѓа од интересот на кошаркарскиот спорт во целина, како и од цели утврдени со овој ПРАВИЛНИК.

Член 18.

Нормативните акти кои ги донесува членството на АКСДГС за утврдување на меѓусебните односи, како и за утврдување и регулирање на односите на членството на АКСДГС со трети лица се одлуки, правилници, решенија, заклучоци, договори и др.
По одредени прашања членството на АКСДГС може да донесе и свои ставови и мислења.

Член 19.

Договорите за услугите од областа на кошаркарското судење, делегатската функција, како и извршување на активности како помошни судии на територија на град Скопје (Кошаркарски судии, делегати и помошни судии за турнири, помошни судии за Европски првенства...) се акти кои треба да бидат верификувани и од надлежниот орган на кошаркарската федерација - Генералниот секретар на КФМ.

Член 20.

Договорите за услугите кои Судиската Комисија во името на АКСДГС ги заклучува со приватните лиги на територија на град Скопје не подлегнуваат на верификација пред соодветните органи на кошаркарската федерација (пример: Јуниор лига, Канал 5 лига), а дел од финанските средства остварени по овој основ можат да се користат за сопствени активности, како и за развој на кошаркарското судење во целина за што АКСДГС - Судиската Комисија донесува посебни одлуки.

Член 21.

Членството на АКСДГС преку својата Судиска Комисија изготвува правилник за судискиот и делегатскиот кадар со кој се уредуваат критериумите и правилата за звање кошаркарски судии и делегати.
Членството го утврдува со посебен правилник за делегирање начинот на кој ќе се делегираат кошаркарски судии, делегати и помошни судии во младинските лиги, приватните лиги и одредени натпревари (тренинг, пријателски) на ниво на град Скопје.

Член 22.

За усовршување на квалитетот на судењето, членството на АКСДГС преку својата Судиската Комисија изготвува своја веб или блог интернет страница која е од едукативен и информативен карактер.

Член 23.

За одредени прашања од основната дејност на членството на АКСДГС кои не се одредени со овој ПРАВИЛНИК ќе се применуваат општите акти на КФМ.

III ЧЛЕНСТВО ВО АКСДГС

Член 24.

АКСДГС ја сочинуваат сите кошаркарски судии кои имаат положено најмалку за КАНДИДАТ СУДИЈА како и сите кошаркарски ДЕЛЕГАТИ на ниво на град Скопје без оглед на политичка, национална, верска и социјална припадност.

Член 25.

Во АКСДГС членуваат само активни кошаркарски судии и делегати доколку ги имаат подмирено своите обврски кон Асоцијацијата на кошаркарски судиии и делегати на Р. Македонија по основа на:
• положен тест од познавање на службените кошаркарските правила,
• положен тест за нивото на физичка подготовка и
• подмирени 3% од вкупните такси од основната дејност - судењето на официјални натпревари организирани од КФМ во претходната натпреварувачка сезона.

Член 26.

Членството во АКСДГС се регулира по автоматизам со членување во Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на Р. Македонија.
Во Асоцијацијата влегуваат сите кошаркарски судии и делегати кои се со место на живеење на територијата на град Скопје, како и оние членови кои го имаат регулирано привремено местото на живеење на територијата на град Скопје. Тие за тоа потпишуваат пристапница.

Член 27.

Членовите на АКСДГС не можат да бидат истовремено членови на други Асоцијации на територијата на Р. Македонија.
За сите членови на АКСДГС важат одредбите од членот 26 на овој ПРАВИЛНИК.

Член 28.

Во АКСДГС може да членуваат како придружни членови но без право на одлучување и поранешни кошаркарски судии и делегати во својство на симпатизери на кои им престанала активноста по основ на старосната граница.

Член 29.

Членовите на АКСДГС донесуваат одлука за утврдување на висината на годишната членарина.
Датумот од кога ќе се почне со собирањето на членарината го одредува членството.
Финансиските средства од членарината се за потребите од техничка природа, Билтени, ЦД-и, Хартија и друго.

Член 30.

Секој член на АКСДГС има членска легитимација чија содржина и облик се утврдени од страна на надлежниот орган - Судиската Комисија на асоцијацијата на кошаркарски судии и делегати на град Скопје.
За своето членство Судиската Комисија на асоцијацијата на кошаркарските судиии делегати на град Скопје води посебна евиденција.

Член 31.

Членството во АКСДГС престанува:
• Со исполнување на старосната граница за членување - 50 години за кошаркарски судии и 70 години за делегати;
• Со истапување по основ на писмена изјава;
• Со бришење од евиденцијата поради неподмирени обврски во периодот кој ќе го одреди надлежниот орган - комисијата на АКСДГС;
• Со исклучување.

Член 32.

Со престанокот на членството во АКСДГС престануваат и сите права и обврски.
Членската легитимација по престанокот на членството се смета за неважечка.

IV ОРГАНИЗАЦИЈА НА АКСДГС

(Судиска Комисија, Помошни Комисии, Секретар, Изборна Комисија)

Член 33.

Судиската Комисија (во понатамошниот текст СК) ја има улогата на управен и извршен орган на АКСДГС. Се состои од вкупно пет членови кои се избираат од составот на членовите на АКСДГС со правата и должностите кои се пропишани со овој ПРАВИЛНИК.

Член 34.

Изборот на членовите за СК на АКСДГС се врши на состанокот на членовите на Асоцијацијата врз основа на изборната одлука.

Член 35.

Членови на Судиската Комисија (СК) и нивни активности и обврски се следниве:
• Претседател - кој ја преставува СК на АКСДГС и е по автоматизам член на СК при КФМ. Истовремено ја координира работата и активностите на членовите од СК на АКСДГС;
• Два потпретседатела и тоа:
Еден кој ќе ја организира и координира работата на Стручната комисија при АКАДГС,
Еден кој ќе ја организира и координира работата на комисијата за делегирање при АКСДГС;
• Два члена и тоа:
Еден кој ќе ја организира и координира работата на Дисциплинската комисија при АКСДГС,
Еден кој ќе ја организира и координира работата на комисијата за Маркетинг при АКСДГС.
Членовите на СК - Координаторите изготвуваат правилници за работа на комисиите од нивната надлежност со кои ќе ќе се утврди составот и начинот на работата.
СК на АКСДГС во рамките на правата и должностите кои ги има, изготвува и предлага програма за работа за која членовите даваат согласност.
СК на АКСДГС одлучува во рамките на своите права со мнозинство на гласовите од членовите од нејзиниот состав.

Член 36.

СК на АКСДГС ги одобрува правилниците изготвени од членовите на СК на АКСДГС од член 35 на овој правилник;
Разгледува прашања, поднесува предлози, донесува одлуки и други општи акти кои се однесуваат на:
• Усовршување на кошаркарскиот судиски и делегатски кадар;
• Стекнување и усовршување на судиското и делегатското знаење;
• Начини за остварување на правата и интересите на своите членови;
• Формирање на Комисии;
• Награди и признанија;
• Правна заштита на своите членови;
• Избор на претставници во СК при КФМ;
• Поднесува извештај за својата работата еднаш во годината.

Член 37.

Членот СК на АКСДГС има право:
- Да поднесува предлози за акти и да предложи други прашања од делокругот на СК;
- Да поставува прашања и да бара објаснувања кои се однесуваат на работата на Судиската Комисија на АКСДГС;
- Да собира информации и податоци кои му се потребни за вршење на својата должност во рамките на СК.

Член 38.

СК на АКСДГС ги има и следниве права и должности:
• Да предлага ставови и мислења, општи акти и други прописи пред АКСДГС;
• Носи одлуки, решенија и заклучоци за кои го известува членството на АКСДГС;
• Утврдува систем за собирање и користење на статистички и други податоци од значење за работата на членовите на АКСДГС;
• Одлучува за начинот за организирање на семинари, кампови, советувања, и др.
• Утврдува начин за делегирање на судиите;
• Доделува судиски звања од своја надлежност, ако ја има;
• Уредува систем за водење на евиденција на судиските звања и членовите на Асоцијацијата;
• Дава предлози за избор на судии на кои им се доделува статус кандидат судија, регионален судија, државен судија и меѓународен судија;
• Го уредува начинот на својата работа;
• Врши и други работи за кои ја овластува членството на АКСДГС како и други работи кои се од интерес на АКСДГС.

Член 39.

Секој член на СК на АКСДГС е должен редовно да доаѓа на состаноци и да учествува во работата на Комисијата, да одлучува рамноправно за прашања од надлежноста на СК на АКСДГС во согласност со ПРАВИЛНИКОТ за работа на АКСДГС и да се придржуваат на одлуките донесени на тие состаноци.

Член 40.

СК на АКСДГС редовно одржува состаноци со членството на Асоцијацијата на кошаркарски судии и делегати на град Скопје за кои предлага ДНЕВЕН РЕД по кој ќе се извршуваат одредени активности.
Состаноците начелно се одржуваат секој работен понеделник, за кои може да се изготви ДЕЛОВНИК за работа со кој се уредуваат:
• Прашања од областа на внатрешната организација, активностите и условите под кои ќе се работи на тие состаноци;
• Постапка за донесување одлуки и други и општи акти на тие состаноци;
• Начин за гласање за пооделни прашања на тие состаноци, како и други прашања од значење за функционирањето на АКСДГС.

Член 41.

Мандатот на СК на АКСДГС е 4 години со право на реизбор.
Мандатот на СК може да престане и со оставка или отповикување.
Предлог за отповикување на СК на АКСДГС или некој нејзин член може да го дадат најмалку 1/3 од членовите на АКСДГС, како и Судиската Комисија на кошаркарските судии и делегати на Р. Македонија или Канцеларијата на КФМ.
Гласање за отповикување е јавно или тајно за што одлучува членството на АКСДГС.
СК на АКСДГС или член на СК на АКСДГС ќе биде отповикан ако за отповикувањето гласале мнозинство од членовите присутни на состанокот на Асоцијацијата а не помалку од 50%+1 од вкупниот број на членови на Асоцијацијата.

Член 42.

СК на АКСДГС може да именува и свој Секретар во период од 4 години (со право на реизбор) колку трае и мандатот на СК на АКСДГС.

Член 43.

Секретарот на СК на АКСДГС од членот 46 на овој правилник ќе ги има следниве права и должности:
• Да ги подготви сите нормативни и други акти за состаноци на СК на АКСДГС;
• Да ги спроведува заклучоците, решенијата и друго, кои ги донела СК на АКСДГС и за тоа да ја извести истата;
• Се грижи да се почитува ПРАВИЛНИКОТ во работата на СК на АКСДГС;
• Ја организира работата на СК на АКСДГС, работните тела - комисии на СК на АКСДГС;
• Поднесува предлог налози - наредби на одобрение од страна на Претседателот на СК на АКСДГС за извршување на финансиски планови во согласност со овој правилник на членството на АКСДГС;
• Заклучува Договори со трети лица по основ на овластувањата кои му ги дава СК на АКСДГС;
• Извршува и други работи за кој го овластуваат СК на АКСДГС.

Член 44.

На 15 дена пред престанокот на мандатот на СК на АКСДГС според одредбите од членот 41 на овој ПРАВИЛНИК, за избор на нова СК, се формира изборна комисија која има Претседател и двајца Членови кои се бираат од редовите на членството на АКСДГС.

Член 45.

Претседателот на изборната комисија во рок од 15 дена е должен да објави оглас и да собере податоци од заинтересирани кандидати за претседател и членови на Судиската Комисија.
Кандидатите за членството во СК своите пријави ги доставуваат во пишана форма.
Претседателот на изборната комисија доколку не свика состанок во определениот рок, членовите на АКСДГС можат да организираат изборен состанок и по барање на најмалку 1/3 од членовите на Асоцијацијата.

Член 46.

Избор за новата СК може да се врши тајно или јавно за што одлучува мнозинството од членовите на Асоцијацијата.
За секоја од функциите од став 1 од овој член може да се предложи еден или повеќе кандидати и за истите да се гласа по принцип - повеќе освоени гласови во првиот круг оди во вториот круг на гласање итн.

Член 47.

За нов претседател (и/или членови) на СК на АКСДГС е избран оној кандидат кој добил мнозинство на гласови од присутните членови во последниот круг на гласање но не помалку од 50%+1 од вкупното членство на Асоцијацијата на кошаркарски судии и делегати на град Скопје.
Ако ниеден од кандидатите не го добил потребното мнозинство на гласови, гласањето се повторува.
Ако ниеден од кандидатите ни на повторното гласање не го добие потребното мнозинство од гласови, ќе се повтори целата изборна постапка во рок од 7 дена.

Член 48.

Претседателот и/или членовите на изборната комисија доколку не ја обавуваат својата работа совесно можат да бидат отповикани, врз основа на писмено барање од најмалку 1/3 од членовите на Асоцијацијата.
Претседателот и/или членовите ќе бидат отповикани на состанокот на членовите на Асоцијацијата ако за тоа гласа мнозинство од присутните членови а не помалку од 50%+1 од вкупното членство на Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на град Скопје.

V ЈАВНОСТ ВО РАБОТАТА И ИНФОРМИРАЊЕ

Член 49.

Работата на членството на АКСДГС, како и работата СК на АКСДГС и нејзините комисии е јавна.

Член 50.

Јавноста во работата на членството на АКСДГС и Комисиите при АКСДГС се обезбедува:
• Со одржување на јавни состаноци;
• Со информирање на членовите на АКСДГС: преку Веб страница, преку Блог страница, со e-mail и др.;
• Со информирање на органите на Кошаркарската федерација на Македонија и здруженијата на клубовите;
• Со објавување на текстови од работата на состаноците на АКСДГС и СК на АКСДГС во печатот и другите средства за јавно информирање;
• Со објавување на донесените акти во гласилата на Кошаркарската федерација на Македонија, ако ги има;
• Со јавен настап на своите членови во средствата за јавно информирање.

Член 51.

АКСДГС и СК на АКСДГС се должни преку јавно изложување на ДНЕВНИОТ РЕД (Блог, e-mail, факс и др.) да ја известуваат јавноста и членството за состаноците кои ќе се одржуваат.

Член 52.

АКСДГС и СК на ОКСДГС можат да донесат и одлука со која писмено или преку својата ВЕБ или БЛОГ страница и др. ќе го информираат членството за активностите што ќе ги преземат и решенијата кои се донесени на состаноците. Тоа можат да го направат и на друг пригоден начин (преку билтен).

VI НАЧИН НА ОБЕЗБЕДУВАЊЕ НА ФИНАНСИСКИ И ДРУГИ СРЕДСТВА ЗА РАБОТАТА НА АКСДГС

Член 53.

Финански средства за дејноста на АКСДГС се обезбедува од:
• Донации и спонзорства од организации или физички лица;
• Членарини по основ на членот 29 од овој ПРАВИЛНИК;
• 20% од 3% кои ги собира СК на кошаркарски судии и делегати на Р. Македонија од кошаркарските судии и делегати - членовите на АКСДГС;
• 10% - 15% од остварените спонзорства на СК на кошаркарски судии и делегати на РМ;
• Со сопствени маркетинг работи;
• На друг начин, а во согласност со законските прописи на КФМ со кои се утврдува прашањето на финансирање на Асоцијацијата на кошаркарските судии и делегати на РМ.

Сите горенаведени парични средства од овој член се доставуваат на жиросметка на СК на АКСДГС отворена при КФМ.

Член 54.

Обемот, намената и распределбата на финанските средства се утврдува со финански план за секоја година на СК на АКСДГС.
Приходите и расходите од финансискиот план мораат да бидат вредносно усогласени.

Член 55.

Наредбодавател за извршување на финансискиот план е претседателот (потпретседателите) на СК на АКСДГС, но и секретарот на СК на АКСДГС за пооделни активности за кои има овластувања.

VII НАЧИН НА ИЗВРШУВАЊЕ НА СТРУЧНИ, ОРГАНИЗАЦИСКО - ТЕХНИЧКИ И АДМИНИСТРАТИВНИ РАБОТИ

Член 56.

Стручните и организациско - техничките работи за потребите на АКСДГС ги врши Секретарот на СК на АКСДГС.
Административно - техничките, финансиските и други работи од поедноставна природа кои се во надлежност на работата на секретарот на СК на АКСДГС можат да се пренесат и на соодветни служби за што СК на АКСДГС донесува посебна одлука.

Член 57.

Средства за извршување на стручни, организациско - технички, административни, финансиски и други работи се обезбедуваат со финансискиот план на СК на АКСДГС кој се изготвува за секоја година.

Член 58.

Начин на извршување на работите од членот 61., ги одредува, организира, следи и за нив одговара Секретарот на СК на АКСДГС.

VIII ДОНЕСУВАЊЕ И ПРОМЕНА НА ПРАВИЛНИКОТ НА ОКСДГС

Член 59.

За донесување и промени во ПРАВИЛНИКОТ на АКСДГС, членството одлучува со двотретинско (2/3) мнозинство од вкупниот број на членови на АКСДГС на состанок организиран за тоа, или во рок определен од СК на АКСДГС и тоа на следниов начин:
- со свој потпис за согласност на редовен состанок на АКСДГС;
- со свој потпис за согласност во канцеларијата на КФМ;
- со своја согласност преку e-mail.

Член 60.

За промена на ПРАВИЛНИКОТ на АКСДГС одлучуваат самите кошаркарски судии и делегати од град Скопје.
Промена на ПРАВИЛНИКОТ на АКСДГС можат да предложат најмалку 10% членови на АКСДГС, како и СК на АКСДГС.
АКСДГС со 50%+1 од вкупниот број на членови од АКСДГС може да одлучат дали ќе пристапат кон промената на ПРАВИЛНИКОТ.

Член 61.

Предлог за промена на актите од ПРАВИЛНИКОТ на АКСДГС го предлага работното тело кое го именува СК на АКСДГС на свој состанок.
Ова работно тело може да утврди обем и вид на промени во ПРАВИЛНИКОТ, а тоа го прави пред членството на АКСДГС.

Член 62.

Промена на ПРАВИЛНИКОТ може са биде извршена во еднофазна или двофазна постапка за кои одлучуваат членовите на СК на АКСДГС или членовите на АКСДГС.

IX ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 63.

Овој ПРАВИЛНИК стапува на сила со денот на неговото изгласување од страна на двотретинско (2/3) мнозинство од членството на АКСДГС.

Член 64.

Со стапување на сила на овој ПРАВИЛНИК сите овластувања, права и обврски на кошаркарските судии и делегати на град Скопје се подредуваат на одредбите на истиот.

Член 65.

ПРАВИЛНИКОТ на АКСДГС се објавува на БЛОГ – от (или Веб страница) на СК на АКСДГС, а може и во билтенот на КФМ.
ПРАВИЛНИКОТ може да биде објавен и како материал во посебно издание кое го уредува СК на АКСДГС.

Член 66.

Во случај на престанок на работата на АКСДГС сите нејзинин средства преминуваат на Асоцијација на кошаркарски судии и делегати на Македонија која ги презема правата и обврските на овој стручен облик на организирање (АКСДГС).

ПРЕТСЕДАТЕЛ на СК на КСГС
Александар Милојевиќ

No comments: