Thursday, August 20, 2009

Правилник за следење и развој на младите кошаркарски судии во Р. Македонија

Во согласност со одредбите од член ___ од Правилникот за работа на Судиската Комисија при Кошаркарската Федерација на Македонија, до кошаркарските судии и делегати се доставува овој Правилник за следење и развој на кошаркарските судии во Р. Македонија.

ПРАВИЛНИК ЗА СЛЕДЕЊЕ И РАЗВОЈ НА МЛАДИТЕ КОШАРКАРСКИ СУДИИ

Член 1

Општи одредби

Со овој правилник се дефинира поимот млад кошаркарски судија, се утврдуваат критериумите и надлежностите за следење на младите судии, се утврдува потребното време за следење и развој на младите судии, како и начинот на делегирање на младите кошаркарски судии во Р. Македонија.

Член 2

Дефиниција

Млади кошаркарски судии се сите кошаркарски судии дефинирани според Правилникот за судиски и делегатски кадар (Кошаркарски судија, Регионален судија и Државен судија) кои не се постари од 32 години и не судат на натпревари од Првата машка лига.

Член 3

Надлежности

Следењето и напредувањето на младите кошаркарските судии пропишани со овој правилник, го спроведува Работното тело за следење и развој при Судиската комисија на кошаркарските судии и делегати на КФМ, во соработка со Градските судиски одбори.
Следењето и развојот на кошаркарските судии кои се помлади од 32 години, а веќе судат во Првата машка лига, го спроведува Судиската комисија при КФМ.

Член 4

Критериуми

Сите млади кошаркарски судии ќе бидат следени од Работното тело доколку:

1. Имаат подмирени обврски кон Судиската комисија при КФМ (платени 3%, приложено лекарско уверение издадено само од Институтот за Физиологија, Спортска медицина или друга специјализирана спортско-медицинска установа, положени тестови од семинарите),

2. Ги задоволуваат прописите од медицинските стандарди за процена на степенот на телесната дебелина (BMI - Индекс на телесна маса).
BMI = телесна маса во килограми / (висината во метри)²
· Неисхранети - BMI помал од 18,49 kg/m²,
· Нормални - со BMI од 18,50 до 24,9 kg/m²,
· Прекумерна маса - со BMI од 25 до 29,9 kg/m²,
· Дебели - со BMI преку 30 kg/m²,
(ВАЖНО: Нема да бидат следени оние кошаркарски судии кои ќе бидат со прекумерна телесна тежина и дебели)

3. Дисциплински не се казнувани од страна на органите на КФМ,

4. Се редовни на состаноци организирани од Градските судиски одбори и Судиската Комисија при КФМ и активно ги следат збиднувањата во кошаркарскиот спорт,

5. Се оценети за нивното судење во младинските и сениорските лиги (доколку ги судат) со најмалку оценка - МНОГУ ДОБАР.

За податоците од точките 1, 2, 3 и 4 од овој член, Работното тело прибира информации од Судиската комисија при КФМ, а за точка 5, Работното тело обезбедува податоци и од Градските судиски одбори и за тоа води посебна евиденција.

Член 5

Време на реализација

За судиите кои се истакнуваат со своите севкупни резултати, а посебно со оценките од судењето во младинските и сениорските лиги, Работното тело доставува предлог до Судиската Комисија при КФМ периодично (пред почетокот на првенството, после 7 коло, после 14 коло, итн) за нивно напредување (Пример: судење во повисок ранг на натпревари).

Член 6

Начин на следење на младите кошаркарски судии

КОШАРКАРСКИ СУДИЈА

Согласно правилникот за судиски и делегатски кадар овој ранг на кошаркарски судија во период од две години ќе биде следен на следниов начин:
ПРВА ГОДИНА судејќи натпревари: под 12 години, под 14 години, под 16 години во машка и женска конкуренција,
ВТОРА ГОДИНА судејќи натпревари: под 18 години, под 20 години во машка и женска конкуренција.
Судиските комисии при градските одбори, Работното тело за следење и развој на кошаркарските судии и во краен случај Судиската комисија при КФМ од Комесарот за натпреварување во младинските лиги при делегирањето на службените лица на натпревари каде што е целта следење и развој на кошаркарските судии, задолжително да побараат да се делегираат ДЕЛЕГАТИ.
(ВАЖНО: По завршувањето на секој натпревар Делегатот на истиот, задолжително ќе даде осврт во глобала и свои забелешки на судиите за евентуални грешки и пропусти во текот на натпреварот)
Доколку кошаркарскиот судија во текот на натпреварувачката сезона покаже МНОГУ ДОБРО СУДЕЊЕ, ќе биде делегиран на завршните турнири од став 1 од овој член.
По двегодишно судење (но и по првата година) овој кошаркарски судија може да напредува во повисок ранг ако средната оценка на неговото судење од минимум пет (5) натпревари не е помала од оценката МНОГУ ДОБАР.

Член 7

РЕГИОНАЛЕН КОШАРКАРСКИ СУДИЈА

Согласно правилникот за судиски и делегатски кадар овој ранг на кошаркарски судија покрај судење натпревари од младинските лиги ќе биде следен и при натпревари според следново:
ПРВА ГОДИНА натпревари: Трета лига во машка конкуренција, Трета, Втора и Прва лига во женска конкуренција,
ВТОРА ГОДИНА натпревари: Втора лига во машка конкуренција.
Работното тело за следење и развој на кошаркарските судии во соработка со Судиските Комисии на Градските одбори и со Судиската комисија при КФМ, од Комесарите за натпреварување во младинските и сениорските лиги при делегирањето на службените лица на натпревари каде е целта следење и развој на кошаркарските судии, ќе побараат да се делегираат ДЕЛЕГАТИ КОНТРОЛОРИ.
(ВАЖНО: По завршувањето на секој натпревар Делегатот – Контролор на истиот, задолжително ќе даде осврт во глобала и свој забелешки на судиите за евентуални грешки и пропусти во текот на натпреварот)
Доколку кошаркарскиот судија во текот на натпреварувачката сезона во младинските и сениорските лиги покаже судење кое не е помало од оценка МНОГУ ДОБАР, ќе биде делегиран на завршните натпревари од став 1 од овој член.
По двегодишно судење (но и по првата година) овој кошаркарски судија може да напредува во повисок ранг ако средната оценка на неговото судење на мимимум десет (10) натпревари (младински и сениорски) не е помала од оценката МНОГУ ДОБАР.

Член 8

ДРЖАВЕН КОШАРКАРСКИ СУДИЈА

Согласно правилникот за судиски и делегатски кадар на овој ранг на кошаркарски судија во период од една година кој ќе покаже вонредни резултати при судењето натпревари во младински лиги и натпревари од Првата лига во женска конкуренција и Втора лига во машка конкуренција може да му се довери судење и во Првата машка лига.
Работното тело за следење и развој на кошаркарските судии во соработка со Судиските Комисии на Градските одбори и Судиската комисија при КФМ, од Комесарите за натпреварување во младинските и сениорските лиги при делегирањето на службените лица на натпревари каде е целта следење и развој на кошаркарските судии, ќе побараат да се делегираат ДЕЛЕГАТИ КОНТРОЛОРИ и ДЕЛЕГАТИ НАБЉУДУВАЧИ - СУПЕРВИЗОРИ.
(ВАЖНО: По завршувањето на секој натпревар Делегатот - Контролор или Делегатот Набљудувач - Супервизор на истиот, задолжително ќе даде осврт во глобала и свој забелешки на судиите за евентуални грешки и пропусти во текот на натпреварот)
Доколку кошаркарскиот судија во текот на натпреварувачката сезона на не помалку од 10 натпревари (посебно сениорски) покаже судење кое не е помало од оценката МНОГУ ДОБАР, ќе биде предложен да се стави на листа за судење на натпревари од Првата машка лига.

Член 9

Препораки за делегирање на младите кошаркарски Судии

Со ово Правилник за работа на Работното тело се даваат ПРЕПОРАКИ до Комесарите за натпреварување во младинските и сениорските лиги за делегирање на младите кошаркарски судии и истите би требало да бидат земени предвид.

Член 10

ПРЕПОРАКИТЕ претставуваат РАНГ ЛИСТИ на млади кошаркарски судии кои ги изготвува Работното тело, а според кои би требало да им се даде приоритет на младите кошаркарски судии при одредување службени лица од страна на комесарите за натпреварувања за одредени натпревари.

Член 11

За подобро следење и развој на младите кошаркарски судии Работното тело при Судиската Комисија на КФМ на одреден натпревар може да одреди и ТУТОР (НАДГЛЕДУВАЧ) КОШАРКАРСКИ СУДИЈА од рангот на високо рангираните активни Државни и Меѓународни кошаркарски судии чија должност ќе биде да достават извештај во пишана форма за успешноста во кошаркарското судење на младите кошаркарски судии.

Член 12

Толкувањето на овој правилник го дава Работното тело за следење и развој при Судиската Комисија на кошаркарски судии и делегати при КФМ.

Член 13

Овој правилник стапува на сила од денот на изгласувањето на истиот од страна на Судиската комисија на кошаркарски судии и делегати при КФМ.

Работното тело за следење и развој на младите кошаркарските судии
Претседател:
Александар Милојевиќ

No comments: