Sunday, September 16, 2007

10.09.2007 година - ПОНЕДЕЛНИК 18 часот одржан состанок на СККСГС

Судиската комисија на кошаркарски судии на град Скопје одржа состанок со следниов дневен ред:

1. Барање за подобрување на условите во младинските лиги;
2. Одлуки за подобрување на условите при одигрување на пријателските натпревари;
3. Разно.

Во продолжение следат барањата и одлуките со кои Судиската комисија на кошаркарските судии и делегати ќе настапи пред соодветните здруженија:

До
Здружение на Младински лиги
Кошаркарска федерација на Македонија


Предмет: Барање за подобрување на условите во младинските лиги

Поради минорните судиски такси кои ги добиваат судиите кои ги судат натпреварите од младинските категории го изнесуваме следново:

Судиската комисија на град Скопје, која минатата година беше едногласно избрана од членството, пред себе си постави повеќе цели за работа. Една од главните цели на оваа судиска организација беше подигнување на квалитетот на судење. Затоа, беа оформени стручни и работни комисии, чија главна мисија беше следење и обучување на судиските кадри.

Тргнувајќи од факот дека секој натпревар зависи од правилното делегирање, посебно е посветено внимание на истото. Оформена е тричлена комисија за делегирање, составена од Интернационални и државни судии, со големо претходно искуство во делегирање. Воведен е моделот на FIBA Europe, кој претставува делегирање по електронски пат (е-mail). Првиот пул на судии кои ги судат младинските лиги го вклучуваше целокупното членство, но со големо ангажирање на комисијата за делегирање и стручната комисија, изведени се групи на судии. Групите на судии, најголем дел ги сочинуваат судии кои судат во најквалитетната лига (I лига мажи), а другиот дел се судии кои судат II лига мажи и I лига жени. Сите натпревари од важен карактер, се покриени со делегати од прва лига, делегати контролори и FIBA делегати, кои допринесуваат за коректниот тек на натпреварите и оценување на судиите. Со ова се прават нови групи и ранг листи на судии, кои се користат за делегирање на завршните натпревари во младинските категории.

Стручната комисија одигра голема улога во запознавање и подучување на судиите со Официјалните кошаркарски правила (и нивните Интерпретации), со Механика и техника на судење, како и со најновите трендови и критериуми на судење во европската кошарка. Оваа комисија е составена од искусни Интернационални делегати и судии. Предавањата се вршат преку најмодерни техники за учење, преку гледање DVD дискови, презентации, вербални и практични предавања секој понеделник во текот на сезоната. Организиран беше и семинар, на полусезона, кој беше од стручен карактер и на кој предаваа интернационални делегати и судии.

Составена е и Дисциплинска комисија, која изготви правилник за работа, преку кој поединци судии беа казнувани за нивниот начин на извршување на судиската должност. Сепак оваа комисија немаше премногу работа, поради коректниот и професионален однос на судиите.

Несомнено е дека Судиската комисија на град Скопје, со континуирана и напорна работа, ги исполни своите цели, создадени се судиски кадри кои можат во целост да ги задоволат потребите и барањата на младинските лиги. Со тоа Судиската комисија на град Скопје, со чист образ, бара од Здружението на младинските лиги покачување на судиските такси, како би се изедначил квалитетот на судењето со квантитетот на судиската такса по натпревар.

Бараните судиски такси по категорија се:
Кадетски лиги - 300 ден.
Јуниорски лиги - 400 ден.
Младински лиги - 500 ден.

Судиска такса за завршни турнири да биде плус 100 ден. на постоечката.

Со почит,
Судиска комисија на град Скопје


До
Здружение на Прва лига мажи
Кошаркарска федерација на Македонија


Предмет: Одлуки за подобрување на условите при одигрување на пријателските натпревари

Поради нередот при одигрувањето на пријателските натпревари Судиската комисија на кошаркарските судии на град Скопје ви го изнесува следново:

Општо познато е дека активноста на судиите при процесот на својата едукација, како и градење и одржување на личниот изглед и физичка кондиција, бара прилично материјални средства, самооткажување од други обврски и вложување на дополнително време и ентузијазам.

Долго време живеевме со фактот дека материјалната положба на клубовите не можеше да ги покрие трошоците за услугите кои по основ на судење им ги даваме и премолчено се согласуваме да судиме за такси кои го деградираат нашето судиско ниво во рамките на судиската фела во блиското окружување и Европа во целина.

Само да потсетиме:

Судиските такси за прва лига мажи во Србија за еден судија:
Прв дел: 150 евра
Супер лига: 200 евра
Play off: 300 евра
Пријателски натпревари од домашно првенство: 75 евра;
Меѓународни пријателски натпревари: 150 евра.

Судиските такси за прва лига мажи во Хрватска за еден судија:
Прв дел: 110 евра
Втор дел: 165 евра
Трет дел: 205 евра
Пријателски натпревари: 50% од таксата

Судиските такси за прва лига мажи во Босна и Херцеговина за еден судија:
Прв дел: 100 евра
Play off: 150 евра
Пријателски натпревари: околу 50% од таксата

Судиските такси за прва лига мажи во Црна Гора за еден судија:
Такса: 100 евра
Пријателски натпревари: околу 50% од таксата

Бидејќи состојбата во кошаркарскиот спорт во последно време е битно изменета во позитивна смисла, како квалитативно, така и материјално, заклучивме дека би требало да се преземат итни мерки од страна на оваа Судиска комисија на град Скопје во правец на регулирање на пријателските натпревари. Затоа ги донесовме следните одлуки кои важат на ниво на град Скопје:

1. Сите пријателски или тренинг натпревари спаѓаат во групата на официјални пријателски натпревари и за истите важат пропозициите за натпреварување на КФМ;

2. За овие натпревари делегирањето го врши исклучиво Судиската комисија на кошаркарските судии на град Скопје, поточно Комисијата за делегирање;

3. Сите пријателски натпревари ќе се наплаќаат на следниов начин:

ПРВА ЛИГА МАЖИ:
- За домашни пријателски натпревари таксата да изнесува 20% од првенствената такса во моментот на одигрување на натпреварот;
- За меѓународни натпревари таксата да изнесува 50% од првенствената такса во моментот на одигрување на натпреварот.

ВТОРА ЛИГА МАЖИ И ПРВА ЛИГА ЖЕНИ:
- За домашни пријателски натпревари таксата да изнесува 40% од првенствената такса во моментот на одигрување на натпреварот;
- За меѓународни натпревари таксата да изнесува 75% од првенствената такса во моментот на одигрување на натпреварот.

МЛАДИНСКИ ЛИГИ:
- За домашни пријателски натпревари таксата да изнесува 60% од првенствената такса во моментот на одигрување на натпреварот;
- За меѓународни натпревари таксата да изнесува 100% од првенствената такса во моментот на одигрување на натпреварот.

Овие одлуки се поднесени и до Судиската комисија на Кошаркарската федерација на Македонија на 28.02.2007 година.

Имајќи го во предвид ветувањето на раководството на КФМ за преземање на одредени активности и мерки за подобрување како на организациската, така и материјална состојба во кошаркарскиот спорт, се надеваме дека правилно ќе бидеме разберени во настојувањето за подигнување на реномето на кошаркарските судии и делегати, преку правилното вреднување на трудот за извршените услуги.

Судиската комисија на кошаркарските судии и делегати на град Скопје исто така одлучи преку свој претставник овие одлуки да ги презентира и пред Здружението на прва лига мажи, со цел, овие одлуки да почнат да се применуваат и на територијата на Р. Македонија.


Со почит,
Судиска комисија на град Скопје

2 comments:

PILJAF said...

bravo be konecno i toj den dojde.samo napred i izdrzete do kraj.pozdrav

Anonymous said...

treba da opstoime na donesenite zaklucoci... vo sporedba so drugite drzavi, nie sme mnogu daleku... samo napred!