Saturday, December 5, 2009

Стапување во сила на Правилникот за помошни судии при АКСДГС

Правилник за помошни судии при АКСДГС

I. Општи одредби

Член 1

Со овој Правилник се уредуваат обврските, кодексот на однесување, начинот на работа и правата на Помошните судии од редот на членовите на Асоцијацијата на кошаркарски судии и делегати на град Скопје (АКСДГС).

Член 2

Помошен судија е лице кое учествува во работата на записничка маса на кошаркарски натпревар, без разлика на рангот на натпреварување, карактерот на натпреварот (пријателски или официјален) или неговиот организатор.

Член 3

Должноста Помошен судија може да ја врши секој член на АКСДГС кој се стекнал со ранг Кошаркарски судија или ги има посетувано соодветните едукативни семинари организирани од СКМКФ или СККСГС, за што се стекнал со соодветна лиценца.

Дожноста Помошен судија, за натпревари во домашното првенство, престанува да ја врши кој било член на АКСДГС во моментот кога тој ќе започне со судење на натпревари од најсилната лига во машка конкуренција во домашното првенство или, пак, на негово лично барање во кој било момент од неговата кариера, проследено до Раководителот на помошни судии, т.е. до СКСГС.

Член 4

За својата работа, Помошните судии одговараат пред делегатот на натпреварот, пред СККСГС, како орган одговорен за нивното делегирање, како и пред органите и телата на СКМКФ и МКФ.

II. Делегирање

Член 5

Делегирањето на помошните судии за натпреварите кои се играат на територијата на град Скопје го врши член на АКСДГС, т.е. Раководител на помошни судии, назначен од Претседателот на СККСГС.

Тој е одговорен за навремено, транспарентно и објективно делегирање, согласно листите на помошни судии, квалитетот на нивната работа и нивното се’вкупно однесување на натпреварите.

Член 6

При делегирањето, Раководителот користи Листа на помошни судии, која ја изготвува и му ја доставува СККСГС.

Делегирањето, во писмена форма, задолжително се испраќа по е-маил на сите делегирани членови, а и на сите останати членови на АКСДГС (на нивно барање).

Член 7

За својата спреченост да ја извршуваат својата задача за помошни судии, членовите го информираат Раководителот за помошни судии или СККСГС, телефонски или на е-маил и тоа:

  • најдоцна до понеделник во 17.00 часот, за натпревари што се играат од вторник заклучно со четврток
  • најдоцна до четврток во 11.00 часот, за натпревари што се играат од петок заклучно со понеделник

Доколку не го сторат тоа најдоцна до предвидените термини, се смета дека тие се слободни и следствено на тоа прифаќаат да бидат делегирани на натпревар.

III. Кодекс на однесување, начин на работа, обврски и права на помошните судии

Член 8

Помошните судии, како службени лица на натпревар се должни:

  • да се појават на местото на одигрување на натпреварот не подоцна од:

- еден (1) час пред натпревар за меѓународни натпревари во организација на МКФ, БИБЛ, Јадранска Лига и ФИБА

- четириесет (40) минути за натпревари од сениорските натпреварувања на МКФ (Супер лига (мажи и жени), Прва лига мажи, Прва лига жени, Втора лига мажи, Трета лига мажи)

- четириесет (40) минути за натпревари од Куп на Македонија во организација на МКФ

- триесет (30) минути за натпревари од младински лиги, општински лиги, мали олимписки игри, натпревари меѓу средни училишта, факултети, универзитети и сл.

  • да се појават во спортската сала во пристојна облека и со пристоен изглед
  • да носат со себе потребни предмети за работа на записничка маса (сино и црвено пенкало, судиска свирка)
  • веднаш по пристигнувањето во сала да облечат еднообразни службени униформи (судиска тренерка, поло маица или дрес) и така еднообразно облечени да излезат на теренот за игра
  • благовремено да постигнат договор кој на која позиција ќе работи (записничар, мерач на време и мерач на 24 секунди, а за меѓународни натпревари и помошник записничар). Во случај да не можат да постигнат договор, прводелегираниот член го има конечниот збор околу поделбата на работните задачи
  • записничарот е должен од двајцата тренери да ги обезбеди листите на играчи и придружници на екипите веднаш по излегувањето на теренот за игра и да го состави записникот врз основа на нив, најдоцна 20 мин. пред почетокот на натпреварот
  • записничарот да се осигура дека помошните реквизити (стрелка за посед, бонус-покажувачи и палки за бр. на лични грешки) се на располагање на записничката маса
  • мерачот на време да ја провери исправноста на официјалниот семафор и сите негови сигнални уреди
  • мерачот на 24 секунди да ја провери исправноста на уредот за мерење на 24 секунди и неговата координираност со официјалниот семафор
  • во случај да се утврди каков било недостаток или неисправност на уредите, помошните судии треба веднаш за тоа да го известат делегатот на натпреварот
  • пред, за време и по завршувањето на натпреварот да ги извршуваат своите задолженија согласно Службените кошаркарски правила, како и со позитивните норми донесени од телата и органите на МКФ, СК МКФ и СККСГС
  • да го напуштат спортскиот објект откако ќе ги завршат сите свои обврски и откако за тоа ќе добијат одобрение од делегатот на натпреварот

Член 9

Помошните судии имаат право на финансиски надомест за извршената работа, во износ кој го утврдуваат соодветните Здруженија при МКФ, а ги потврдува УО на МКФ.

Исплатата ја врши домашната екипа или организаторот на натпреварувањето, пред или веднаш по завршувањето на натпреварот.

Доколку не бидат платени за својата работа, помошните судии веднаш за тоа ги информираат делегатот на натпреварот и првиот судија, а потоа по писмен или устен пат Раководителот за помошни судии и/или СККСГС.

IV. Казнени одредби

Член 10

Помошните судии можат да бидат изземени од делегирање за извршување на должност на натпревар, и тоа заради следниве пропусти:

  • за доцнење на натпревар од 6 – 10 мин. – еден (1) натпревар во темпо на делегирање
  • за доцнење на натпревар од 11 – 20 мин. – два (2) натпревари во темпо на делегирање
  • за доцнење на натпревар над 20 мин. – четири (4) натпревари во темпо на делегирање
  • за неоправдано недоаѓање на натпревар – шест (6) натпревари во темпо на делегирање
  • за несоодветна облека – од јавна опомена до еден (1) натпревар во темпо на делегирање
  • за несоодветна униформа на терен – два (2) натпревари во темпо на делегирање
  • за непрофесонален однос пред и по натпреварот – од јавна опомена до два (2) натпревари во темпо на делегирање
  • за непрофесонален однос/неуредно извршување на работата за време на натпревар – од два (2) до четири (4) натпревари во темпо на делегирање
  • за коментирање на судиски одлуки на записничка маса – од јавна опомена до два (2) натпревари во темпо на делегирање
  • за навреда на кој било актер на натпреварот, вклучувајќи ги и службените лица – од четири (4) до шест (6) натпревари во темпо на делегирање
  • за остварен физички напад на кој било актер на натпреварот, вклучувајќи ги и службените лица – од шест (6) до дванаесет (12) натпревари во темпо на делегирање

Член 11

Помошен судија може да биде казнет врз основа на:

· посебна пријава од делегатот на натпреварот или забелешка во делегатски извештај

· пријава од страна на судија на натпреварот

· пријава од страна на друг помошен судија

· пријава од страна на член на АКСДГС

· пријава од страна на член на СККСГС

Член 12

Казните од чл.10 ги реализира Раководителот за помошни судии, откако ќе се увери во вистинитоста на наводите во пријавата.

За изречената казнена мерка го известува соодветниот помошен судија и СККСГС, писмено или преку е-маил.

Член 13

Против одредената казнена мерка, помошниот судија има право на жалба до СККСГС како второстепен орган, најдоцна 24 часа по изрекувањето на мерката.

СККСГС е должна да одговори на жалбата најдоцна 48 часа по нејзиното добивање. Второстепената одлука е конечна.

Член 14

Кој било пропуст, престап или недозволено дејство застарува и нема да се казни доколку се изминати 60 дена од нивното извршување.

V. Завршни одредби

Член 15

За сите пропусти и престапи кои не се опфатени во овој Правилник, недлежна е Дисциплинската комисија при СККСГС, а во случај на потежок престап – Дисциплинската комисија на СК МКФ.

Член 16

Правилникот стапува на сила со денот на неговото донесување од страна на СККСГС.

Скопје, ноември 2009 г.

Раководител на помошни судии при СККСГС

Ѓорѓи Мангрски с.р.

Претседател на СККСГС

Алија Феревски с.р.

No comments: